Неактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвездаНеактивна ѕвезда

Денот без автомобили вчера беше одбележан во Македонија со задушени сообраќајници, преполни паркинзи и тротоари по кои не можат да се движат пешаци.

Задушени сообраќајници, преполни паркинзи, тротоари по кои не можат да се движат пешаци поради паркираните возила, беше сликата со која вчера Македонија ја одбележа меѓународната манифестација Ден без автомобили. Најголемиот дел од граѓаните не се одзваа на апелите вчера да не ги користат автомобилите, со цел да го намалат загадувањето на животната средина и да пронајдат друг вид превоз.  Исклучок беа само неколку манифестации под мотото „Вози велосипед“, што се одржаа во повеќе општини и на кои се собраа само околу 500 ученици од основните училишта. Мал број учесници, само околу педесетина, имаше и на отворањето на новата велосипедската патека од Транспортниот центар до Соборниот храм, како дел од идната патека што ќе ги поврзува населбите Ново Лисиче и Карпош. На оваа патека наскоро ќе се постават и 35 семафори, што ги донира Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот. Велосипедистите што учествуваа во акцијата беа разочарани што не им се придружија останатите граѓани.

- Тие не сакаат да се откажат од автомобилите. Не прифаќам оправдувања дека велосипедите не се погодни за возење низ градот. Не е проблем ниту безбедноста, ниту облеката. Татко ми, на пример, постојано возеше велосипед облечен во костум. Отпорот кон велосипедите ми личи на некоја надуеност кај луѓето - изјави вчера скопјанецот Слободан Стојковиќ, кој три децении користи велосипед.Јовица Стојанов, пак, изјави дека залудно е човек да се обидува да вози велосипед во Скопје во услови кога тротоарите се преполни со паркирани автомобили. Миле Димитровски, професор на Машинскиот факултет во Скопје, оценува дека само со едномесечната замена на автомобилот со велосипед едно семејство може да заштеди меѓу 60 и 80 евра.

- Тоа е само заштеда во трошоците за бензин. Да не зборувам за заштедата на „подолги патеки“ преку подобро здравје, до кое се доаѓа со употребата на велосипедите - потенцира тој.Еколозите укажуваат дека употребата на велосипедите значително ја заштитува природната околина. Ако еднаш неделно не се возат автомобили, ќе имаме 13 отсто помалку загаден воздух. Еден изминат километар со автомобил значи 250 грама јаглероден диоксид во воздухот. На годишно ниво, еден автомобил испушта од 3 до 5 тони јаглероден диоксид во атмосферата. Скопскиот градоначалник Трифун Костовски, кој најчесто на работното место оди со автомобил, рече дека ќе се продолжи со изградбата на велосипедските патеки, иако меѓу превозните средства во градот велосипедите учествуваат само со симболични 2 отсто.

Скопјаните што и вчера ги користеа автомобилите изјавуваа дека се' уште не можат да се откажат од четирите тркала.

- Надвор е студено, а градските автобуси се преполни. Се' уште можам да си дозволам да возам автомобил. Еден ден откажување од него нема многу да смени во однос на околината. Мене ми е напорно да возам велосипед по скопските улици. Во колата е сепак поудобно - изјави Светлана Димитровска.Министерот за екологија Неџати Јакупи рече дека тие не се откажуваат од ваквите акции:

- Идејата ни е да ја намалиме употребата на автомобилите. Емисијата на гасовите е се' поголема и поконцентрирана и во оној момент кога граѓаните ќе го почувствуваат метежот од автомобилите, чадот, смогот, единственото превозно средство им останува велосипедот, кој сакаме да стане дел од нашето секојдневје - рече Јакупи.

Превземено од www.dnevnik.com.mk
Автори: А.П. Б.Ѓ.
Погледни го оригиналниот напис.